речник контакт

ТРМР истражуваше и стручњаците тврдат: Велес лежи на сол!?

Домовите кај Солено чешмиче со бунари полни со солена вода

Петар Печков

Месноста Солено чешмиче е близу некогашната фабрика Вила Зора, на половина пат од  Којник до центарот на градот.   Името Солено чешмиче е старо, и најстарите жители раскажуваат, дека нивните дедовци и баби  за овој дел на градот го користеле ова име.  А причината зошто е токму Солено, го знаат и стари и млади, сите негови жители. Водата која  е во домовите е солена, да токму така  солена.  Маалската чешма од која некогаш течело вода, веќе дваесетина години е заѕидана. Но легендата за солената вода во овој дел на Велес е присутна со векови.  

Водата во ова маало од секој пат  била солена.  Кога  се мие човек раце од оваа вода со   сапун, скама нема. На времето кога нашите стари  переле алишта, кога немаше  машини за  перење, кога ја  користеа оваа вода, скама  немаше. Арно ама не знам на кого му текна и ја заѕида маалските чешма, има едно дваесет години откако се случи ова  - објаснува Драган Матев.

Тој е еден од постарите  жители на овој дел на градот. Посочува дека секоја  куќа, без исклучок имала бунар со  солена вода. Но повеќето ги заѕидале или наполниле со камења.    Таков е случајот и  во куќата на Брезеви. Бунарот бил среде куќа, тие поставиле цевки за да се излева водата, го прекриле, но од солената вода, сега се рони нискиот слој на ѕид. Деновиве при посетата, тие започна да ја реновираат. Објаснуваат дека мора, бидејќи солена вода сериозно го оштетила домот. Еден од тие кој го сочувале бунарот е соседот   Драгомир Лазаревиќ. 

Солта не се чувствува веднаш, по 20-тина секунди се појавува  нејзиниот вкус.   Куќава каде живеам е од 1850 година, од тогаш бил и бунарот, така се прераскажува, од колено  на колено. Бунарот е  длабок 7-8 метри. Лете е поплиток, зиме расте а во март е највисоко нивото. Не ја користиме за ништо, цвеќињата  не ги полеваме оти од солта се расипуваат, ако го  миеш дворот, цементот се   рони, се уништува.  Тие што ги заѕидаа бунарите имаат мака, водата се јавува на друго место и ја уништува куќата. Затоа ни препорачаа стручњаци де не ги закопуваме - вели Лазаревиќ.  

Така сите домови на улица Љубен Весов, можат да се пофалат дека имаат вистинска реткост солена вода во своите домови.  Пред некоја година во ова маало се всели Емилија. Таа ја купила куќата и на  големо изненадување, дознала дека има бунар со солена вода во нејзиниот двор.

Беше чудно кога дознав дека водата во бунарот е солена. Не можам да ја користам, но секако е интересно што во овој дел до градот имаме вода со вкус, што е реткост. Бунарот го чувам, нека стои, водата е секогаш добредојдена - објаснува Емилија  Велковска Саздов.

Но солена вода нема само кај Солено чешмиче, се сретнува и во соседството, на Теќе, Бузаана, но и од левата страна на градот, близу Турското школо.   Одговор за оваа солената вода во Велес, ТРМР побара од стручните лица, кои оваа појава  ја нарекуваат  ,, солишта,,.   

 Во геолошкото минато, пред повеќе  од пет милиони години, на територија на општина Велес како и пошироко, посотело море каде се вршела морска седиментација. Како резултат на подоцнежните орогени движења доаѓа до набирање на кората и повлекување на морињата и создавање на нови морфолошки структури. Со испарување на водата доаѓало до таложење на солите од морската вода. Подоцна овие терени, солишта во лапоровити седименти, песочници, глинци добиле ридски карактер за денес со современите геолошки процеси, да доаѓа до претжаложување на овие седименти и појава на солени извори - изјави дипл.инж.геолог Љупче  Кулаков.

Според него ваквата појава е доста честа и во Овче Поле. За сите нив  постоела  соодветна документација, каде  прецизно  се наведени локациите и појавите на минералните суровини во  Македонија, а вклучувајќи  ја и  околината на Велес. 

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »